I’m leaving you for good - Те напуштам за добро
You fucking bitch - Ти eбена кучко
I’m adopted - Јас сум адаптиран
Bloody hell - Проклет пекол
Young adults - Млади возрасни
Knock yourself out - Нокаутирај се
Words travel fast - Зборовите патуваат брзо
Glove compartment - Преграда за ракавици
Вчера дочитав едно трилерче од британска авторка, предвидливо, ама „вртач на страници“ што би рекле нашиве „преведувачи“. Секако, македонскиот превод беше казна. Не дека беше погрешен, туку само болно буквален. И се прашувам до кога домашниве издавачи ќе штедат на добар превод?
Сфаќам дека се нема пари, дека се крати од сѐ, дека ги брзаат да преведат книга од 350 страници за две недели, ама ако веќе вложуваш во превод, вложи пари во преведувач што знае и да толкува и да адаптира.
Оваа тема веќе не е ни актуелна. Луѓето се уморија од чудење и неверување колку лоши може да се преводите на македонски јазик. Притоа не зборувам за не знам каква литература, за фрази и изрази за кои е тешко да се најде соодветен превод на македонски, туку зборувам за книжиња на едноставен англиски, со фрази што сме ги прочитале и слушнале милион пати.
И тука е проблемот. Се одомаќиниле. Веќе не ни забележуваме дека фрази како „на крајот на денот“ се туѓи. Ама да преведеш книга, да помине лектура и да испечатиш 700 примероци со фразите што ги наведов погоре е стварно срамота.
Едно време мислев дека е помодност кога луѓе велеа дека избегнуваат да читаат книги на македонски, зашто претпочитале да читаат на изворниот јазик. Изгледа одамна не бев налетала на некое лимонадиче со петпаречки превод, набрзина начкрабан (колку пари, толку музика), па заборавив колку буквално може да звучи.
Ако си дипломирал на превод и толкување на Х јазик, очекувам дека го владееш јазикот сосе дијалекти и сленг, знаеш да го преведеш на македонски, но и да го толкуваш. Ако во реченицата стои bloody hell, нема со цел памет да го преведеш како „проклет пекол“. Кој во Македонија користи таква фраза?!
ОК, превод знае да биде механичка работа особено откако си превел илјадници страници, ама dude, „дечко, Саше, Петре, како год“, тоа ти е работа и стварно се резилиш, а мене како читател ме навредуваш.
И зошто каша попара со присвојни заменски придавки и удвоени предмети и кратки и долги заменски форми?
His knee hurt terribly – Неговото колено го болеше ужасно. Зошто да не е „Kоленото ужасно го болеше“?
My hair smelled like flowers – Мојата коса (ми) мирисаше на цвеќиња. А види колку поприродно е „Kосата ми мирисаше на цвеќиња“.
They called us in the office - Тие нас нѐ викнаа во канцеларијата. Сфаќаме дека се работи за „тие“ ликови, кажано е веќе во текстот, па затоа подобро ќе стои „Нѐ викнаа во канцеларијата“.
(„Еее, сега и ти изводиш!“)
И не е проблемот само во англискиот јазик. И со српски и хрватски имаме проблем. Не, не се само падежите и времињата во прашање, туку и зборови што мислиме дека ги знаеме, зашто звучат исто/слично на македонски па така „хитро“ се преведува како „итро“, а не „брзо“.
Кај ви се лекорите? Знам дека се штанцаат книги, знам дека уредник е апстракција за повеќето издавачи (зашто се издава што ќе се стигне и од домашни и од странски автори), а пак да се плати (дебело да се плати) преведувач воопшто не е ни опција.
Ваквите лоши преводи навлегуваат во мозочните витки (да не речам виуги), па после се чудиме зошто новите домашни автори пишуваат книги сакајќи да звучат што покнижевно, баш како од книгите што ги читале, па нивните (македонски) ликови користат фрази како „те познавам како задната страна од мојата рака“.
Опаметете се!
П.С Секогаш со радост го спомнувам извонредниот превод на Дракула од Брам Стокер, во издание на Полица. Преведувачот Владимир Цветкоски многу природно го адаптира преводот на различните англиски дијалекти, користејќи наши, македонски, па така лондонскиот кокни е скопски, шкотскиот е охридско-кичевски. Ама треба да си „проклет генијалец“.